Повторување на резултатот од изборите во мај, но и победа со уште поголема разлика во однос на СИРИЗА, очекуваат поддржувачите на Нова демократија со кои поразговара дописничката на МИА од Атина за време на синоќешниот централен партиски предизборен митинг на кој се обрати Кирјакос Мицотакис.
Лидерот на партијата и веројатно следен премиер на Грција, на последниот ден од предизборната кампања во Грција, одржа митинг пред грчкиот Парламент, каде што токму над фонтаната во центарот на плоштадот Синтагма беше специјално поставена шестоаголна бина, а Мицотакис беше опкружен од неговите поддржувачи.
Паралелно, оние кои беа малку подалеку од бината, говорот го следеа на видеобим.
Мицотакис беше пречекан и поздравен со овации, аплаузи, вувузели и развиорени грчки и партиски знамиња кои на присутните им се делеа пред почетокот на собирот.
Поддржувачите на Нова демократија со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, на утрешните избори очекуваат сигурна победа и коментираа дека не станува збор за митинг во пресрет на изборите, туку прослава на следната голема победа на партијата.
-Во атмосферата се чувствува победничкиот дух. Гледате, сите се позитивни, оптимисти, се собравме и за да ја поддржиме партијата и да го слушнеме нашиот претседател, но и за да испратиме порака дека Нова демократија повторно ќе биде големиот победник на изборите в недела, вели повозрасен Грк.
Прогнозите на поддржувачите на партијата се дека на утрешните избори сигурно ќе добијат над 40 отсто од гласовите.
-Очекувам да добиеме над 43 отсто, но основен предуслов е народот да излезе и да гласа, а не луѓето да сметаат дека се е завршено и да останат дома, коментира млада Гркинка.
На изборите минатиот месец, Нова демократија освои 40,79 отсто од гласовите, двојно повеќе од СИРИЗА, а Мицотакис синоќа порача дека „на 21 мај гласавме и победивме заедно, на 25 јуни гласаме за да владееме заедно, сите обединети“.
-На 25 јуни одлучуваме и гласаме, на 26 ги засукуваме ракавите, продолжуваме да ја градиме новата Грција храбро, стабилно и само напред, порача лидерот на Нова демократија.
Во неговиот говор се осврна на четирите цели поставени за вториот мандат: подобри плати, квалитетно бесплатно државно здравство, ефикасна и праведна држава и силна Грција.
На митингот присутни беа поранешните премиери Костас Караманлис и Андонис Самарас, поранешни министри од Владата, дел од кои повторно ќе добијат министерски позиции, поранешни пратеници и кандидати за пратеници.
Синоќа, на последниот ден од предизборната кампања во пресрет на утрешните избори, лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас одржа митинг во Солун, а претседателот на ПАСОК – Движење на промена Никос Андрулакис говореше на Крит.с