Парламентарни избори во Грција – неизвесност дали земјата ќе добие Влада

atina_565765
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Нешто помалку од десет милиони граѓани, поконкретно 9.810.040 Грци, од кои 438.595 се нови гласачи на возраст од 17 до 21 година денеска гласаат на парламентарните избори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Гласачките места беа отворени во седум часот утрово, гласањето ќе трае до 19 часот по локално време, а на изборите учествуваат 27 партии, осум коалиции и еден самостоен кандидат.


Традиционално веднаш по затворањето на гласачките места, медиумите во соработка со агенциите за рејтинг ќе објават предвидување на изборниот резултат, односно т.н exit polls, кои доста често го најавуваат победникот.

Првите официјални резултати од Министерството за внатрешни работи на Грција, кое е и надлежно за пребројувањето на гласовите, се очекува да бидат соопштени околу 21 часот по локално време.

За парламентарните избори, Грција е поделена во 59 изборни единици, во кои што се одбираат 285 од 300те пратеници колку што брои грчкиот Парламент. Останатите 15 се на листа која важи за целата земја.

На овие избори има три новини: гласат Грците кои живеат во странство, право на глас имаат сите кои наполниле 17 години, а не 18 како што беше до сега и ќе се спроведе пропорционален изборен модел.

Новиот систем што ќе важи само за овие избори не предвидува бонус од 50 пратеници за партијата победник, како што беше случај досега и токму затоа, се поверојатно е сценариото дека земјата ќе оди на втори избори, на почетокот на јули, а за да се избегнат потребно ќе биде или првата партија да победи со висок процент или да се формира коалиција.

Изборниот законик во Грција, во изминатите години беше два пати променет, во 2016 година за време на Владата на СИРИЗА кога се изгласа пропорционалниот систем и се укина бонусот од 50 пратеници и во 2020 година за време на Владата на Нова демократија, кога одново се врати бонусот системот за првата партија, што ќе се примени на следните избори по денешните.

Според пропорционалниот модел, за да може победникот на изборите в недела да формира еднопартиска Влада, потребно ќе биде да обезбеди најмалку 151 пратеник кои ќе бидат од гласовите на граѓаните, односно ќе треба да добие голем број гласови околу 45 отсто.

Грчкиот Устав предвидува веднаш по изборите претседателот на државата да ѝ го додели мандатот за формирање Влада на партијата победник. Доколку првата партија не успее да формира Влада, мандатот му го враќа на претседателот, кој го доделува на втората партија, а доколку и таа не успее, го добива и трето рангираната партија. Секоја од партиите на располагање има 72 часа да спроведе консултации со можни коалициони партнери.

Доколку во законски предвидениот рок од најмногу девет дена, земјата не добие Влада, тогаш претседателот свикува лидерска средба за евентуална широка коалиција, а во случај и овој обид да биде неуспешен, тогаш земјата ќе оди на втори избори.

Ваков беше случајот во 2012 година, кога во период од месец и половина се одржаа два пати избори, а Нова демократија, ПАСОК и Демократска левица формираа коалициона Влада, но по вторите избори.

Доколку оваа година има реприза на 2012 година, односно земјата оди на втори избори, кои веројатно би биле на 2 јули, тогаш ќе се спроведе законот од 2020 година и ќе се примени мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, што значи и враќање на бонус пратеници за првата партија.

Но, овој пат, бонусот нема да биде фиксен од 50 пратеници, туку бројот ќе биде во зависност од освоените гласови и ќе се движи меѓу 20 и 50 дополнителни пратенички места.

Без оглед на тоа дали ќе има Влада или не новоформираниот парламентарен состав што ќе произлезе од изборите, првата седница ќе треба да ја одржи на 1 јуни.

Доколку биде формирана Влада ќе се гласа доверба, во спротивно Парламентот ќе се распушти.

Учествуваат 36 партии, 16 повеќе од минатите избори

Вкупно 36 партии учествуваат во изборите, а за обезбедување место во грчкиот Парламент потребни се минимум три отсто од гласовите.

На минатите парламентарни избори на 7 јули 2019 година учество зедоа 20 партии, а шест од нив обезбедија место во Парламентот.

Нова демократија победи со 39,85 отсто од гласовите и со 158 пратеници, од кои 50 беа од бонусот предвиден со тогашниот изборен законик и формираше еднопартиска Влада.

СИРИЗА беше втора со 31,53 проценти, Движење на промена освои 8, 10 отсто, а во Парламентот место обезбедија шест партии кои го достигнаа неопходниот изборен праг од три отсто за влез.

Излезноста пред четири година беше 57,78 проценти.

Вчера гласаа Грците кои живеат во странство 

Изборите во Грција започнаа вчера со гласањето на Грците кои живеат во странство, а оваа година за првпат имаат можност да гласаат без да биде потребно да се вратат дома.

Беа пријавени се 22.855 лица, отворени 99 гласачки места во 85 градови во 35 земји.

Според грчките медиуми, ковертите со гласачките ливчиња, авионски ќе бидат испратени во Грција, а ќе се отворат и гласовите ќе се пребројат в недела, откако ќе заврши гласањето и ќе се затворат гласачките места во земјата.

Aкредитирани 340 грчки и странски претставници на медиумите 

Околу 340 новинари, фоторепортери, телевизиски екипи, но и странски дописници, меѓу кои и од Северна Македонија се акредитирани за следење на парламентарните избори во Грција од специјалниот прес центар, кој традиционално, како и за секој изборен процес е во салата за конференции „Запио“ во центарот на Атина.

Од Генералниот секретаријат за медиуми соопштија дека биле доставени околу 340 барања за акредитација на новинари, дописници, фоторепортери и телевизиски екипи, а од нив, околу 150 се од странски медиуми од 20 земји: Кипар, Германија, Франција, Шпанија, Италија, Обединетото Кралство, Белгија, Словенија, Норвешка, Бугарија, Албанија, С. Македонија, САД, Јапонија, Кина, Турција, Јужна Африка, Египет, Катар и Ирак.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK