Од понеделник се отвораат продавниците во Грција, но под строги правила


Под строги правила и протоколи, од понеделник се отвораат продавниците во Грција, со исклучок на трговските центри и моловите, јави дописничката на МИА од Атина.


 

По препораките од Комисијата на епидемиолози, која денеска одржа маратонски состанок, вечерва беа соопштени владините одлуки за олабавување на мерките, односно, како што рече заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, одлуки за „прилагодување на постоечките мерки, за да постојат подобри резултати“.

Граѓаните имаат право само еднаш дневно да посетат продавница, откако претходно ќе испратат смс порака на специјален број, за шопинг на располагање ќе имаат најмногу три часа, а малопродажбата ќе работи со услугите „click away“ (подигнување на претходно направена нарачка) и „click in shop“ (посета на продавница по закажан термин).

Продавниците ќе работат според протоколи, односно едно лице на 25 метри квадратни.

Втората одлука се однесува на олабавување на правилата поврзани со физичката активност, односно употребата на смс порака со кодот шест (една од шесте опции за движење), која досега важеше само пеш или со велосипед, а не и за автомобил.

За време на викендите, дозволено ќе биде оваа опција да се користи и со автомобил до најмногу три лица или едно семејство.

Хардаљас истакна дека оваа мерка се воведува пилот проба следниот викенд и во секој случај треба да се избегнуваат собирања на повеќе лица.

Во однос на училиштата, заменик-министерот за цивилна заштита на Грција рече дека следната седмица ќе се оцени ситуацијата.

На прес конференцијата, министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, упати апел до граѓаните да бидат особено внимателни, да ги почитуваат мерките, за како што рече, националниот систем да го издржи третиот и најсилен бран.

Соопшти дека од следниот четврток, општа државна болница во Атина, целосно се претвора во ковид болница, а случаите што не се поврзани со коронавирусот ќе се упатуваат во приватни клиники.

Истакна дека процесот на имунизација во земјата се одвива регуларно, досега се спроведени 1.691.000 вакцинации и работат 1.042 центри за вакцинација.

Во изминатите 24 часа во Грција беа регистрирани 3.616 нови случаи на Ковид-19, а починаа 76 лица, што е највисок број од почетокот на годинава.