– Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ денеска во резиденцијата во Цетиње ги продолжи консултациите за мандатот за формирање нова влада со претставници на Граѓанското движење УРА, Социјалдемократите, Социјалистичката народна партија и Хрватската граѓанска иницијатива, јави МИНА.
Милатовиќ вчера ги започна мандатните консултации за нова влада со разговор со претставници на движењето „Европа сега“. Движењето по средбата со претседателот соопшти дека има мнозинство за формирање нова влада, но тоа ќе биде официјално објавено откако претседателот ќе ги заврши консултациите.
„Европа сега“ им се заблагодари на демократите и на Бошњачката партија, кои, според нивните зборови, го искажаа својот принципиелен демократски став дека победникот на предвремените парламентарни избори, кои се одржаа на 11 јуни, треба да биде носител на мандатот за формирање влада.
„Иако не сме ги завршиле преговорите, ниту знаеме каков ќе биде составот на новата влада, тоа што има субјекти кои не ја оспоруваат улогата на победник на изборите и неговата уставна обврска да ја формира новата влада, е охрабрувачки“, соопштија од движењето.