Несоодветно чистење во северниот непрооден дел на воената база од каде што се прошири пожарот, како и многу мала противпожарна зона околу магацините, се дел од заклучоците во извештајот од административната истрага за причините за пожарот и експлозиите минатата седмица во магацинот за муниција во близина на грчкиот град Неа Агхиалос, јави дописничката на МИА од Атина.
Извештајот од административната истрага, кој го објавија грчките медиуми, началникот на Генералштабот на грчката армија Константинос Флорос, денеска го доставил до министерот за национална одбрана на Грција Никос Дендиас.
Во извештајот пишува дека „за пропустите и негрижата на припадниците на военото воздухопловство ќе бидат доделени соодветните одговорности“, а по наредба на Дендиас, заклучоците ќе се искористат за справување со евентуални проблеми во заштитата од пожари во објектите на армијата.
Во однос на мерките за заштита од пожари во базата било констатирано дека имало несоодветно чистење во тешко проодниот северен дел, од каде пожарот стигна до магацинот, но и многу мала противпожарна зона околу магацините, која не била доволна за да се спречи ширењето на пожарот, кој поради брзината на ветрот брзо стигнал до магацинот, што доведе до експлозии на бомбите, кои биле бомби за општа употреба.
На 27 јули годинава магацинот со муниција на военото воздухопловство беше зафатен од пожарот и предизвика експлозии, а министерот за одбрана на Грција нареди спроведување административна истрага за причините.