Лекарска комора на БиХ: Здравствениот систем е пред колапс



Лекарската комора на Федерацијата БиХ ги предупреди денеска надлежните дека здравствениот систем во земјата е пред колапс, пациентите не добиваат адекватна нега, а една медицинска сестра се грижи за дури 20 пациенти заразени со коронавирус.


 

Комората бара од надлежните дополнително вработување на лекари, бидејќи, како што тврди, епидемиолошката ситуација е лоша, а лекарите кои работат во здравствените установи ги примаат, лекуваат и згрижуваат сите пациенти инфицирани со Ковид-19.

– Многу наши членови се заболени, се борат за живот или се во изолација, а здравствениот систем и пациентите трпат, изјави Амила Беќировиќ, претседателка на Лекарската комора на ФБиХ.

Таа предупреди дека „пациентите немаат адекватна, односно никаква нега, бидејќи едно лице не може да подели терапија за сите и да води силни протоколи, кои се наметнати со процедурите“.

Беќировиќ укажа дека ситуацијата е сега таква, веројатно ќе биде уште потешка и подраматична, а на здравствениот систем му се заканува колапс.