Курти: Соработката на ЕУ и САД во посредувањето во косовско-српските преговори е неопходна


Курти не ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за декретот на Тачи - МИА

Косовскиот премиер Албин Курти ја поздрави соработката и координацијата меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави во пресрет на, како што вели, „новиот процес на дијалогот меѓу Косово и Србија“, јави дописникот на МИА од Приштина.


 

Во соопштението на владината служба за информирање по денешната средба на премиерот со специјалниот пратеник на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак и заменикот помошник државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Метју Палмер, се вели дека Курти смета оти таа соработка е „добредојдена, затоа што е неопходна“.

– Премиерот Курти ја оцени како значајна средбата и времето во кое таа се случи: во пресрет на средбата во Брисел, најавена за средината на јуни, по неговите средби со опозициските лидери и пред расправата во Собранието за досегашниот процес на дијалогот (со Србија), постигнатите договори и степенот на нивна спроведливост, се вели во соопштението по средбата.

Лајчак и Палмер денеска допатуваа во дводневна официјална посета на Косово. Тие денеска имаа средби и со претседателката на државата, Вјоса Османи, како и со лидерите на двете најголеми опозициски партии во земјата, Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Енвер Хоџај од Демократската партија на Косово (ПДК).

Според агендата која ја објавија канцеларијата на ЕУ и од амбасадата на САД во Приштина, планирани се средби на словачкиот и американскиот дпломат и со првиот вицепремиер, задолжен за евроинтеграции, развој и дијалог, Бесник Бислими и со втората вицепремиерка и шефица на косовската дипломатија, Доника Грвала, како и со претставници на меѓународната заедница и со шефовите на мисиите на ЕУ во Косово.

Од канцеларијата на ЕУ соопштија дека Лајчак и Палмер ќе информираат за текот и резултатите од посетата преку заеднича прес-конференција, која ќе ја одржат утре претпладне во седиштето на мисијата на ЕУ во Приштина.

Посетата на претставниците на ЕУ и на САД задолжени за Западен Балкан се случува во пресрет на најавеното продолжение на дијалогот за решавање на споровите меѓу Косово и Србија, кое треба да се одржи во текот на месец јуни во Брисел, со средба на косовскиот премиер Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.