Курти: Државата да се организира за одбрана на водачите на ОВК



Курти не ја прифаќа одлуката на Уставниот суд на Косово за декретот на Тачи - МИА

 Лидерот на опозициското Движење самоопределување (ВВ) и поранешен косовски премиер, Албин Курти смета дека државата треба да се организира за одбрана на политичките и воени водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои се обвинети од Специјалното обвинителство при Меѓународниот суд за воени злосотрства во Косово, чие седиште е во Хаг, јави дописникот на МИА од Приштина.


 

Курти на денешната прес-конференција порача дека актуелната Влада на Косово, предводена од премиерот Авдулах Хоти, не е способна да ги брани обвинетите.

– ОВК не припаѓаше само некому, туку на сите нас и сите треба да ја браниме. Инаку кажано, ова е работа и на владата, нарочито нејзина работа. Владата на Косово е таа која треба да се залага за синтеза на претставувањето и одбраната во овој процес. За жал, Косово нема Влада која може да го направи тоа, изјави Курти.

Пред Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, кој во косовската јавност е познат како „суд за ОВК“, на почетокот на неделава започна судскиот процес против четворица од основачите и водачите на таа некогашна воена организација.

На обвинителната клупа седнаа политичкиот директор на ОВК, Хашим Тачи, кој поради обвинението поднесе оставка од функцијата претседател на државата, двајца поранешни претседатели на Собранието на Косово, шефот на разузнавањето на ОВК Кадри Весели и нејзиниот портпарол Јакуп Красниќи, како и шефот на пратеничката група на ВВ, Реџеп Селими, една од истакнатите фигури на военото крило на ОВК.

Судот во Хаг истражува претпоставени злосторства врз цивили од албанска, српска и друга етничка припадност за време и непосредно по косовско-српската војна во 1998-99 година.