Кривокапиќ го отстранува Абазовиќ од уште една функција


– Владата на Црна Гора на денешната телефонска седница ќе гласа за предлогот на премиерот Здравко Кривокапиќ за смена на вицепремиерот Дритан Абазовиќ од уште една функција.


 

Станува збор за функцијата претседател на Националниот совет за борба против висока корупција.

Со оглед на тоа што Кривокапиќ ја има поддршката од мнозинството министри во Владата, реално е да се очекува овој предлог да биде изгласан на денешната владина седница.

Националниот совет за борба против висока корупција предводен од Абазовиќ е формиран на 17 декември 2020 година, а за негови членови беа избрани д-р Милан Поповиќ, Милојко Спајиќ, Стево Мук, а за шеф на Експертскиот тим беше избрана Вања Чаловиќ Марковиќ.

Кривокапиќ претходно поднесе иницијатива за смена на Абазовиќ од вицепремиерската функција, за која ќе се гласа на 3 февруари во Собранието на Црна Гора.