Косовската полиција: Уапсен и вториот напаѓач на полицијата, ситуацијата се’ уште е тензична

Косовската-полиција-Уапсен-и-вториот-напаѓач-на-полицијата-ситуацијата-се.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Косовската полиција вечерва соопшти дека надлежните полициски единици го уапсиле вториот напаѓач, кој исто така бил во воена униформа и вооружен со пушки и муниција.


„Досега, според информациите од теренот, убиени се тројца напаѓачи, уапсени се двајца напаѓачи и четворица осомничени кои биле фатени во нелегално поседување радио комуникации, а се сомничат дека се поврзани со терористичка група“, информираат од косовската полиција.

Се додава дека во доцните часови интензитетот на нападите е намален, но дека безбедносната состојба се уште е тензична.

При контрола на одредени локации, станбени згради и возила било пронајдено оружје.

Според овие информациит, станува збор за стотина парчиња оружје од различен тип и калибар, униформи и логистичка опрема, меѓу кои и воено оружје од тежок калибар како гранати, топови, митралези, калашникови.

За потсетување, немирите во Косово почнаа во текот на ноќта саботата кон неделата, кога косовската полиција забележала барикади и вооружена група Срби од Косово кај селото Бањска, по што дошло до конфликт и еден косовски полицаец бил убиен, а двајца полесно ранети.

Лицата од вооружената група околу пладне упаднаа во дворот на Бањскиот манастир, а верниците и свештените лица останаа внатре. Рашко-призренска епархија по неколку часа објави дека групата се повлекла и во манастирот е мирно, но има неизвесност и загриженост кај монасите и верниците.

Во престрелките што траеа во текот на целиот ден, застрелани беа три лица од вооружената група – состојба што српскиот претседател, Александар Вучиќ рече дека можела да биде избегната, а истовремено тврди дека имаат и докази оти косовската полиција брутално ги ликвидирала. Вучиќ вечерва на вонредна прес-конференција изјави и дека групата Срби се побунила поради теророт на Курти, но убиството на полицаецот е за осуда.

Косовскиот премиер, Албин Курти, за состојбата на северот директно ја обвини Србија дека ги финансирала и поддржала напаѓачите, опишувајќи ги настаните како терориризам.

Во близина на манастирот, во хотел има и седум македонски државјани, меѓу кои и дете. Косовска полиција го обезбедува хотелот, велат од МНР.

Меѓународната заедница го осуди убиството на полицаецот и повика да продолжи дијалогот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK