Клуге: На добар пат сме да се спречи пандемијата, но не треба да се брза со укинување на мерките


СЗО: Над 687 илјади заразени со новиот коронавирус во Европа - МИА

Директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге денеска во Сараево рече дека тој е „претпазлив оптимист“ и верува дека светот е на добар пат да ја спречи пандемијата на коронавирусот, но предупреди дека не треба да се брза со укинување на мерките.


 

– Јас сум претпазлив оптимист, мислам дека ја гледаме светлината на крајот од тунелот, изјави Клуге  по состанокот со претставниците на Босна и Херцеговина, со кои разговараше за борбата против инфекцијата во земјата.

Клуге предупреди дека сепак е потребно да се задржи претпазливоста, бидејќи се уште не е постигнат целосен успех, поради што мерките за ограничување треба да останат уште некое време за инфекцијата повторно да не се прошири неконтролирано.

– Она што се случи во Индија, може да се случи насекаде. Ако имате масовни собири и нагло укинување на мерките, со продирање на нови варијанти на вирусот, проблемот лесно ќе се врати, рече Клуге.

Тој најави дека СЗО ќе стори се што е во нејзина моќ да го забрза производството и дистрибуцијата на вакцините, што, како што рече, е најдобар начин да се стави крај на пандемијата.

Клуге призна дека почетокот на вакцинацијата е неочекувано бавен, но додаде дека ова не е „рутинска имунизација“ затоа што обично се потребни од пет до седум години за да се развијат безбедни вакцини и дека е историски успех што за една година се развиени пет безбедни вакцини.

– СЗО е силно посветена на обезбедување јавно-приватно партнерство за забрзување на производството на вакцини, нивниот број и трансфер на технологија. Единствениот начин на кој можеме да излеземе од пандемијата е солидарноста, рече Клуге.

Тој потврди дека Западен Балкан останува приоритет за Европската канцеларија на СЗО.

Според него, властите во БиХ добро ја координирале борбата против Ковид-19 и очекува дека тоа ефективно ќе придонесе за спроведување на стратешката визија за здравствените приоритети во следните четири години.