Кипар со нова ажурирана листа на земји за кои е дозволено патување на островот


Туристички протоколи за патување на Кипар - МИА

Атина, 18 август 2020 () – Нова, ажурирана листа, со четири промени, објави Министерството за здравство на Кипар, во однос на земјите за кои е дозволено да патуваат на островот, јави дописничката на од Атина.



Листата е согласно епидемиолошката слика во секоја земја, а државите, вкупно 50 и понатаму се поделени во три категории, додека пак само за оние во првата категорија, нема никакви ограничувања и не е потребен тест.

Јапонија и Малта од првата категорија сега се преместени во втората, односно третата, додека пак Австралија и Шпанија од втората во третата.

Во првата категорија земји со ниска опасност се 20 држави, 11 од Европската унија (Австрија, Германија, Данска, Естонија, Финска , Ирска, Латвија, Литванија,  Унгарија, Словачка и Словенија) , четири од Шенген зоната (Швајцарија, Исланд Лихтенштајн и Норвешка) и пет трети земји (Грузија, Јужна Кореа, Нов Зеланд, Канада и Тајланд) и за нив не се предвидени никакви рестрикции, не е потребен тест, ниту самоизолација.

За земјите од втората категорија задолжителна е потврда за негативен молекуларен PCR тест направен 72 часа пред патувањето.

Во оваа група, согласно ажурираната листа се Велика Британија, Белгија,  Франција, Грција, Италија, Хрватска , Холандија, Чешка, Полска, Португалија, Андора, Монако, Ватикан, Сан Марино, Руанда, Тунис, Уругвај, Јапонија и Кина.

Во третата категорија земји со „зголемена опасност во споредба со другите две категории“, се Бугарија, Шведска, Луксембург, Романија, Шпанија, Малта, Алжир, Мароко, Австралија, Србија и Црна Гора, а дозволен е влез само за одредени категории државјани со задолжителен негативен тест и 14 дневна самоизолација.

Конкретната листа стапува во сила на 20 август.

Туристите, како што е веќе пракса откако беа отворени аеродромите, пред да го посетат Кипар, задолжително е да достават барање за CyprusFlightPass (https://cyprusflightpass.gov.cy/) 24 часа пред патувањето.