Од 1 до 31 јули имавме вкупно 1.470 пожари од кои десет беа големи и со нив се справивме со големи тешкотии и со голем напор, рече министерот за цивилна заштита на Грција, Василис Кикиљас во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ и најави построги казни за оние кои потпалуваат или подметнуваат пожари, јави дописничката на МИА од Атина.
Кикиљас објасни дека следната сезона ќе биде поразлична, казните ќе бидат десет пати поголеми за потпалувачите, но и за самите граѓани кои имаат законски обврски да го исчистат делот околу нивните куќи.
-За мене превенцијата е поважна од казнувањето. Затоа не зборувам само за оние кои се апсат за подметнување пожар, за небрежност. Зборувам за нова култура која мора да постои во целото грчко општество и е поврзана со начинот на кој ја сакаме нашата земја. Го сакаме нашето село, нашиот остров, нашиот град и како да интервенираме за да го поддржиме севкупниот национален напор што се прави, рече Кикиљас и објасни дека е потребна соодветна обука на сите, за заштита и превенција од пожари.
Додаде дека од друга страна, за оние малкумина кои ги ставаат во опасност животите на луѓето треба да постои поинаков третман, а административните казни на Противпожарната служба да може да ги изрекуваат и грчката полиција и локалната самоуправа.