Катимерини: Средбата меѓу Ердоган и Мицотакис мина во позитивна атмосфера


Разговорот меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на денешната средба во рамки на Самитот на НАТО во Брисел, помина во позитивна атмосфера, изјавија за „Катимерини“ извори од грчката Влада.


 

Изворите велат дека двајцата лидери го „скршиле мразот“ и оти се согласиле „да ги остават тензиите од 2020 година во минатото, и покрај многу значајните разлики (меѓу двете земји) што постојат“.

Средбата меѓу двајцата лидери траеше еден час. Според агендата, следува средба на Ердоган со американскиот претседател Џо Бајден.

Целта на денешната средба меѓу грчкиот премиер и турскиот претседател беше да се постигне она што не се случи на нивните претходни две средби, во Њујорк во септември 2019 година и во Лондон во декември истата година, поточно да се отвори канал за комуникација меѓу двајцата лидери, коментира „Катимерини“.