Јунајтед Груп ја презеде бугарската Нова


Телекомуникацискиот и медиумски оператор Јунајтед Груп соопшти денеска дека завршил со купувањето на најголемата бугарска медиумска компанија Нова Бродкастинг Груп.



Во бугарската група се наоѓаат телевизијата со национална фреквенција Нова ТВ, десет телевизиски канали, најголемата онлајн платформа Нет Инфо, која просечно секој месец ја посетуваат дури 80 отсто од населението во Бугарија, и четири радио станици.

Генералната директорка на Јунајтед Груп, Викторија Боклаг изјави дека „Бугарија е атрактивен пазар за нас и Нова како дел од Групата ќе продолжи да ја јакне својата позиција“.

– Силната поврзаност на Нова и другите наши медиумски компании ни дава можност да создадеме синергетски ефект и да продолжиме со инвестирање во локалната содржина, нагласи Боклаг.

Работењето на Нова Бродкастинг Груп во рамки на Јунајтед Груп ќе го надгледува Дирк Геркенс, поранешен директор на РТЛ со повеќе од 25-годишно искуство во медиумите.

Купувањето на Нова Бродкастинг Груп е дел од стратегијата на Јунајтед Груп да поседува и телекомуникациски и медиумски компании на пазарите на кои работи, се наведува во соопштението.