Пред дваесет и осум години беше испишана една од најтемните страници на европската историја, кога Европа не успеа да ги заштити жртвите, порачаа денеска високиот претставник за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји во заедничка изјава по повод годишнината од масакрот во Сребреница.
– Ја споделуваме тагата и болката со семејствата и пријателите на жртвите и на преживеаните од геноцидот во Сребреница. Европа се сеќава на својата одговорност и неуспехот да ги заштити. Денес, кога војната повторно беснее на европскиот континент, ветуваме дека ќе сториме повеќе да го одбраниме мирот и да заштитиме животи, наведуваат Борел и Вархеји во пораката.
Тие порачаа дека сеќавајќи се на последиците од вооружениот конфликт во Босна и Херцеговина, ЕУ ја повторува својата посветеност на зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на земјата, чија иднина е во рамките на Европската Унија.
– Помирување може да се постигне само врз основа на вистината, мирот и правдата. Не може да има толеранција за негирање на геноцидот, историски ревизионизам и глорификација на воените злосторници. Сите граѓански и политички лидери во Босна и Херцеговина имаат одговорност да работат заедно за изградба на подобра иднина заснована на дијалог и меѓусебно разбирање за зајакнување и одбрана на мирот и човечкото достоинство за доброто на сите генерации, наведуваат Борел и Вархеји во пораката по повод 28-годшнината од масакрот во Сребреница.