Годишната инфлација во Грција во месец јуни дополнително се намалила и изнесува 1,8 отсто, наспроти 2,8 проценти во мај, меѓутоа цените на прехранбените производи остануваат високи, согласно официјалните податоците од грчката служба за статистика, јави дописничката на МИА од Атина.
Намалувањето на инфлацијата во главно се должи на падот на цените на нафтата, природниот гас и електричната енергија.
За една година, од јуни 2022 до јуни 2023 година цената на природниот гас се намалила за 54,7 отсто, на електричната енергија за 21,7 проценти, а на нафтата за греење 20,7 проценти.
Од друга страна, инфалцијата на прехранбените производи достигнува 12,2 отсто.
Зголемени се цените на основните продукти, односно млечните производи и јајцата се за 15,3 отсто поскапи во споредба со лани, зеленчукот за 14,7 проценти, маслата и мастите за 14,2 отсто, месото за 11,4 проценти, шеќерот, чоколадите, сладоледите за 10,9 отсто, кафето и чајот за 10,5 проценти, овошјето за 10,3 отсто, лебот и житните производи за 9,5 отсто, итн.
Инфлацијата во Грција од почетокот на годинава, секој месец дополнително се намалува.
Во јануари годинава беше 7 проценти, во февруари 6,1 отсто, во март 4,6 проценти, во април 3 отсто, а во мај дополнително се намали на 2,8 отсто.