– Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај побара од пратениците во косовското Собрание да го поддржат неговото барање за гласање недоверба на премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната собраниска седница, на која се расправа за состојбата во северно Косово, Харадинај го обвини Курти за предизвикување нестабилност во тој дел од земјата, населен со мнозинско српско население, како и за влошување на односите меѓу Косово и Соединетите Американски Држави.
– Наша должност, на луѓето во Косово, е да рефлектираме за тоа што ни се случува, дали треба да дозволиме да продолжи недовербата (која оди) до неверство кон сојузниците, вклучително САД. Кој има корист од ова освен (Владимир) Путин, нашите непријатели, Србија. Затоа предлагам, почитувани пратеници, да одиме со гласање недоверба и да ја разрешиме владата на Курти, да ја прекинеме недовербата до неверство и измамата до предавство, рече Харадинај.
Според лидерот на ААК и поранешен премиер, и начинот на кој Курти ги држи неговите говори и обраќања наликува на оној на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров „и неговите колеги“.
Харадинај го обвини Курти дека, освен со сојузниците, првенствено со оние на безбедносен план, предизвикува недоверба и раздор и внатре во косовското општество.
– Ние се соочуваме со Србија отсекогаш и тоа не е ништо ново. Она што не го зборуваме е каде оди Косово под водството на премиерот Курти… Како резултат на недовербата, значи на ова неверство на Курти, следат санкции од САД. Имаме уште еден елемент: измама до предавство. Неговата измама има елементи на предавство, поради што треба да се разреши, рече Харадинај.
Денеска е шести ден од протестите на косовските Срби пред општинските згради во Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток. Тие им го оспоруваат легитимтетот на новоизбраните градоначалници Албанци во споменатите и во општина Северна Митровица, кои беа избрани со исклучително мал процент (два до три отсто) гласови од граѓаните со право на глас во тој дел од земјата.