Фон дер Лајен ја прифати оставката на еврокомесарката Марија Габриел, мандатарката за состав на новата бугарска Влада

lajen
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја прифати оставката на еврокомесарката за иновации, Марија Габриел, која денеска од бугарскиот претседател го доби мандатот за формирање нова влада во Бугарија.

-Сакам да и се заблагодарам на Марија Габриел за нејзината услуга како комесар за иновации, истражување, култура, образование и млади. За три и пол години на оваа позиција, таа даде голем придонес во унапредувањето на приоритетите на Комисијата во оваа област, изјави претседателката на ЕК.


Фон дер Лајен особено и се заблагодари за одличната имплементација на програмата Хоризонт и силното лансирање на иновации и старт-ап преку Европскиот совет за иновации.

-Убедена сум дека нејзиното европско искуство, во овој и претходниот Колегиум на комесари, ќе биде добро искористено за нејзината земја, изјави Фон дер Лајен.

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска и го додели мандатот за формирање влада на Марија Габриел предложена од коалицијата ГЕРБ-СДС, објави порталот „Софија глоуб“. Оваа коалиција, како најголема пратеничка група, доби можност прва да предложи кандидат.

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов претходно најави дека ќе ја предложи Габриела за премиерка, бидејќи ниту една партија не успеа да обезбеди мнозинство за формирање стабилна влада и по пет последователни избори.

На свеченоста на инаугурацијата во Софија, Габриел изјави дека ќе претстави „професионална влада, обединета околу јасни приоритети“. Таа има рок од една недела да го предложи составот на владата или, доколку не успее, да му го врати мандатот на претседателот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK