Една година Ковид-19 во Грција: 156 дена карантин, над 180.000 случаи и над 6.000 починати


– На 26 февруари 2020 година, шефот на комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, Сотирис Циодрас, на вонредна прес конференција, го соопшти првиот регистриран случај на Ковид-19 во земјата, а за една година, Грција стигна до нешто помалку од 190.000 заразени и над 6.000 починати, помина низ два карантина, од кои вториот сѐ уште трае, а паралелно тече и операцијата „Слобода“, односно процесот на вакцинација, јави дописничката на МИА од Атина.


 

Нешто помалку од еден месец по потврдениот прв случај, во Грција се воведе карантин, а тогаш, смс пораките како опција за излегување од дома првпат влегоа во животот на граѓаните, а дури 156 дена во текот на изминатата година Грците ги поминаа во „локдаун“.

Меѓу првиот и вториот карантин земјата помина полабав период од околу четири месеци, вклучувајќи го и летото, кога речиси и да не постоеја некои поголеми рестрикции, за на 7 ноември 2020 година да дојде и вториот карантин што сѐ уште не е завршен.

Првиот карантин траеше 42 дена, од 23 март до 4 мај 2020 година, а денеска е 114-от ден од вториот карантин.

Иако вториот карантин, за разлика од првиот, е заедно со полициски час, сепак е поразличен и не потсетува на оној од март и април, кога раздвиженоста беше значително помала во споредба со сега.

Областа Атика, поширокиот регион на Атина, веќе четврти викенд е со продолжен полициски час што започнува од 18, наместо од 21 часот, но тоа не ги спречува граѓаните да ги користат претпладневните часови за прошетка во парковите или во делот околу морето, со оглед на тоа дека угостителските објекти веќе четири месеци се затворени.

Грците минатата година, за Велигден „останаа дома“ како што беше слоганот на Владата, за Божик и Нова година имаа можност да слават со најмногу едно дополнително семејство, односно до девет лица, не се одбележаа националните празници на традиционалните начини, низа настани и конференции беа одложени или одржани дигитално, учениците и студентите следеа онлајн настава и предавања, а голем дел од вработените работеа од дома.

Во изминатите четири месеци, за време на вториот карантин, имаше и укинувања на мерките, но и нови рестрикции, односно се отвораа и затвораа продавници и училишта, но и земјата се подели на различни делови во зависност од епидемиолошката слика.

Маска, смс порака или потврда и документ за лична идентификација веќе се секојдневие за граѓаните во Грција да излезат од дома, со оглед на тоа дека се неопходни за време на карантинот.

За секое излегување потребно е да се испрати смс порака на специјален број, со одбрана една од шесте опции за движење, име и презиме и адреса, по што ќе добијат повратна порака, што значи одобрување.

Опциите што стојат на располагање се: посета на аптека или доктор; посета на продавница за прехранбени продукти; посета на банка, доколку не е можна електронска трансакција; движење за пружање помош на луѓе кои имаат потреба; одење на погреб, свадба, крштенка и сл. согласно условите предвидени со закон; физичка активност или прошетка на домашно милениче.

За оние кои работат за време на карантинот, како и за новинарите, потребна е специјална потврда, заедно со документ за лична идентификација.

За прекршување на ограничувањата, предвидена е казна во висина од 300 евра, двојно повисока во споредба со првиот карантин.

Два месеца од почетокот на операцијата „Слобода“

Од почетокот на пандемијата, рекорден број нови случаи на дневно ниво беа регистрирани на 12 ноември, вкупно 3316, а 16 дена подоцна, на 28 ноември беше регистриран негативен рекорд со 121 починато лице за едно деноноќие.

Досега, во Грција има 189.831 заразени лица и 6.468 починати, а од 1 јануари 2020 година, заклучно со вчера,  направени се вкупно 3.631.831 ПЦР тестови и 1.577.701 тестирања со рапид тестови.

Точно десет месеци по регистрираниот прв позитивен случај, односно на 26 декември, во Атина пристигна првата пратка од 9.750 дози од  вакцината на „Фајзер/БиоНТек“, а ден подоцна започна процесот на имунизација, т.н. операцијата „Слобода“.

Грција сега на располагање ги има и вакцините на „Модерна“ и „АстраЗенека“, а граѓаните, поделени во категории, преку специјална платформа се регистрираат за вакцинација.

Процесот на имунизација започна со здравствените работници, а на првиот ден, симболично, вакцината ја примија и грчкиот премиер и грчката претседателка.

Во тек е вакцинацијата на лицата над 75 годишна возраст, но и паралелниот процес со вакцината на „АстраЗенека“ за оние од 60 до 65 години.

Според официјалните податоци, заклучно со вчера, биле спроведени 885.821 вакцинации, а со првата доза биле вакцинирани 572.174 лица.

Освен центрите за вакцинација во рамките на болниците, од средината на месецов започнаа со работаа и двата мега центри за имунизација во објектите на саемите во Солун и Атина.

Коронавирусот „ги затвори“ копнените граници, а Македонците веќе една година не можат да патуваат во Грција

Меѓу првите рестриктивни мерки што Грција ги воведе уште на почетокот на пандемијата беше и затворањето на копнените граници и воведување забрана за влез за државјани за трети земји.

Мерка која сѐ уште не е укината, со што македонските граѓани, речиси цела година немаат можност да патуваат во Грција, со оглед на тоа дека конкретната одлука континуирано се продолжува од минатиот март, а последната е во сила до следниот понеделник.

Засега нема информации, ниту најави кога би можело повторно да се отворат копнените граници за движење на туристите од регионот.

 

Во пресрет на летото и претстојната туристичка сезона, Грција, по предлог на премиерот Кирјакос Мицотакис, инсистира во рамките на Европската Унија да се усвои унифициран сертификат за вакцинација, кој нема да има карактеристики на пасош, односно нема да биде задолжителен, туку ќе носи олеснувања на патувањата на лицата кои се вакцинирани.

Сања Ристовска