Првиот човек на албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), Алтин Думани денеска пред парламентарната комисија за правни прашања, јавна администрација и човекови права го презентираше извештајот за активноста на оваа институција во текот на 2022 година.
Думани рече дека „по барање на Специјалното обвинителство, од Специјалниот првостепен суд за корупција и организиран криминал, во текот на 2022 година донесени се четири одлуки за исто толку поранешни високи функционери“.
– Во текот на две години, поточно 2020-2022 година, вкупно 24 кривични постапки се истражени од Специјалното обвинителство, со 25 поранешни високи функционери под истрага, нагласи Думани.
Според него, во тек се кривични постапки за осум судии, тројца обвинители, по еден поранешен заменик обвинител, поранешен заменик министер, поранешен член на антикорупциска комисија и четворица поранешни градоначалници.
– Она што ме прави да се чувствувам подобро е вредноста на средствата што се запленети, банкарски сметки, готовина, недвижен имот, бизниси во туризмот итн. Оваа сума е поголема од 100 милиони евра, потенцира првиот човек на СПАК.
Думани посочи дека „во однос на употребата на специјални истражни алатки, покрај прислушувањето, во значителна мера се применуваат сите алатки за различно прашање, како што се набљудувања, симулации, контролирана достава, писма со упатување, а понекогаш и инфилтрирани агенти“.