Претседателот на Република Српска, Милорад Додик најави дека властите на српскиот ентитет наскоро ќе покренат иницијатива за приклучување кон блокот на пет брзорастечки економии (БРИКС), кој се отвора за нови членки, додека, Европската унија поставува „нејасни услови“.
„Европската унија има алтернатива. Со оглед на тоа што од Брисел секогаш доаѓаат нови и нејасни услови за прием во Европската унија, мислам дека Босна и Херцеговина треба да поднесе апликација за членство во БРИКС“, објави Додик на профилот на платформата Х (поранешен Твитер).
Според Додик, БРИКС (наречен по петте земји Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) би прифатил такво барање пред Европската унија.
„Во наредните денови претставниците на институциите од Република Српска ќе испратат предлог до властите во БиХ за разгледување на ваква иницијатива“, додаде Додик.
Властите на Република Српска, предводени од Додик, како што анализираат локалните медиуми, се во силен конфликт со Западот, администрацијата на САД, која неодамна санкционираше неколку нејзини блиски соработници, а Европската унија го блокираше финансирањето на неколку проекти на територијата на таа земја.
Санкциите, апоред анализите во медиумите, се одговор на Западот на потезите на српските власти кои ги предизвикуваат државните институции на Босна и Херцеговина.
Во исто време, појаснуваат дека Додик има многу добри односи со Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.
На штотуку завршениот тридневен самит на земјите од БРИКС, блокот одлучи да се прошири за пет нови членки со цел да го забрза преобликувањето на светскиот поредок како алтернатива на западниот систем, пишуваат медиумите.