Јужнокорејскиот државјанин Квон До Јунг (32) денеска на крајот од судењето во Подгорица, под обвинение дека користел лажни пасоши, изјавил дека не знаел дека биле фалсификувани патните исправи на Костарика и Белгија, кои ги имал кај себе при апсењето во Црна Гора.
„Пасошите ги набавив преку агенција од Сингапур која издава пасоши и државјанства… Toа не е непозната практика во другите земји во светот, а немав причина да се сомневам во издадените документи. И во Црна Гора постои институт за економско државјанство. Такви агенции постојат во Гренада, Португалија, Дубаи“, рече До Квон на судењето поради фалсификуваните пасоши на Костарика и Белгија.
На прашањето на судијката Ивана Бечиќ да го наведе името на агенцијата која му ги издала спорните документи, До Квон не можеше да одговори. Тој рече дека името на агенцијата е на кинески и дека може да даде одговор доколку „има можност да го отвори мејлот“.
Поранешниот „крал на криптовалутите“ и неговиот соработник Чанг Џун Хон (37) беа уапсени на 23 март на аеродромот во Подгорица по потерница што корејските власти по нив ја распишаа на 22 септември минатата година под обвинение за измама тешка 40 милијарди долари.
Ним им се суди пред Основниот суд во Подгорица за фалсификување пасоши. При обидот да ја напуштат Црна Гора, со приватен лет за Дубаи користеле костарикански пасоши, а имале и патни исправи и лични карти од Белгија кои биле на туѓо име.
Пресудата е закажана за понеделник, 19 јуни.