Девизните резерви на Хрватска во мај помали за 15 отсто


Обезбедени 176 милиони евра од ММФ, со камата стапка од 1,5 проценти и пет години рок на отплата - МИА

Загреб, 21 јули 2020 () – На крајот на мај, бруто-девизните резерви на Хрватска изнесуваа 15,7 милијарди евра, што е за 1,5 проценти помалку отколку во април и 15,2 проценти помалку отколку во мај 2019 година, покажуваат податоците на Хрватската народна банка (ХНБ).


 

Аналитичарите велат дека директниот пад е последица на пандемијата на коронавирусот, пренесува порталот Сеебиз.

Според ХНБ, намалувањето на девизните резерви во текот на мај е резултат на продажбата на девизи на банки надвор од аукции и пониско ниво на договорени репо-трансакции.

Најновите податоци на централната банка, заклучно со 10 јули, укажуваат на зголемување на резервите на 17,6 милијарди евра. Вкупниот имот на ХНБ на крајот на мај изнесуваше 142,4 милијарди куни (18,9 милијарди евра), што претставува раст од 6,7 проценти на месечна основа, додека во однос на крајот на 2019 година тој беше помал за 1,4 процент.

Промените во активата на ХНБ првенствено се одраз на движењето на странските средства, чие учество во вкупната актива кон крајот на мај се намали на 85,8 проценти, што е најниско учество на странските средства  од април 1999 година, се наведува во информацијата.