Партијата Демократска Црна Гора му даде согласност на претседателот на државата, Јаков Милатовиќ, да му го довери мандатот за состав на новата влада на лидерот на Движењето Европа сега (ПЕС), Милојко Спајиќ, соопшти претседателот на Демократите, Алекса Бечиќ.
По консултациите со Милатовиќ тој изјави дека тоа било одлучено на седницата на претседателството на Демократите.
Бечиќ рече дека тој и Милатовиќ имале содржаен состанок, на кој истакнале дека е неопходно Црна Гора што поскоро да добие нова законодавна и извршна власт, бидејќи претстојат многу предизвици и реформски процеси.
– Врз основа на искуството на 42-та и 43-та влада, јасно укажавме дека на Црна Гора не и треба експертска или малцинска влада, туку политичка влада која ќе ја има поддршката од мнозинството парламентарци, рече Бечиќ.