Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ денеска потврди дека до крајот на годинава ќе ја посети Москва каде треба да се сретне со неговиот руски колега Сергеј Лавров, објавија српските медиуми.
„Нема да разговараме за ништо друго освен за нашите билатерални односи и за тоа што се однесува на мешовитиот комитет и секако ќе се сретнам со мојот колега Сергеј Лавров. Кога може Сијарто да оди во Москва, зошто да не можеме и ние“, рече Дачиќ во гостување на српска телевизија.
Дачиќ е копретседател на мешовитиот комитет за соработка со Русија и посочи дека Србија му должи средба на Лавров затоа што не можел да дојде, а Никола Селаковиќ не отишол додека бил министер за надворешни работи.
Дачиќ додаде дека на 4 септември заминува во Џакарта, каде што ќе го потпише приемот на Србија во Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН).
„Ние аплицираме веќе 10 години, секоја земја треба да даде согласност и тоа беше многу тешко. За нас е исклучително важно да имаме друг механизам за соработка“, додаде министерот.
Дачиќ најави и дека претседателот Александар Вучиќ патува за Кина каде ќе учествува на самит.