Црногорски епидемиолог: Короната ни се шири како во Бергамо на почетокот на епидемијата



 

Интензитетот на трансмисија на коронавирусот во Црна Гора е дури и поголем отколку што беше во италијанскиот град Бергамо на почетокот на пандемијата, тврдат епидемиолозите од Црна Гора.

Епидемиологот од црногорскиот институт за јавно здравје Драган Лаушевиќ за РТЦГ изјави дека разликата помеѓу моменталната состојба во Црна Гора и ситуацијата во Бергамо на почетокот на пандемијата е во тоа што во Италија било погодено постарото население, додека новите случаи во Црна Гора се претежно помлади од 40 години.

„Во текот на изминатата недела, процентот на позитивни достигна до 40 проценти од тестираните, што укажува на тоа дека интензитетот на пренесување е исклучително висок“, вели Лаушевиќ.

Лаушевиќ смета дека Црна Гора досега добро ја бранела постарата популација од вирусот, но потсети дека пред два дена Ковид-19 легол во дом за стари лица во Рисан, каде биле заразени 10 лица кои престојуваат во домот и седум вработени.

Здравствените власти на Црна Гора во понеделникот потврдија 197 нови инфекции со коронавирус и пет смртни случаи поврзани со Ковид-19, со што боројот на инфекции од почетокот на епидемијата се зголеми над 10.000 или 1,5 проценто од црногорското население. Од март до сега во земјата се регистрирани и 169 починати како попследица на Ковид-19.

Денеска откако почетокот на новата учебна година беше одложен за 1. октомври, црногорските училишта и градинки ги отворија вратите за учениците. Епидемиолозите тврдат дека училиштата ќе бидат побезбедни места отколку игралиштата каде што се собираат децата и строго ќе се контролира усогласеноста со епидемиолошките мерки.