Црногорската влада преку комисија ќе преговара со четирите регистрирани епархии на СПЦ


Црногорската влада на денешната седница најави дека ќе формира петчлена Комисија која треба што поскоро да почне преговари, но не со СПЦ, туку со четири нејзини епархии регистрирани во Црна Гора.


 

За време на дискусијата за информациите за продолжување на преговорите за статусот и договорните односи меѓу верските заедници и државата Црна Гора, со акцент на СПЦ, владата соопшти дека ќе преговара со други заинтересирани верски заедници, меѓу кои и црногорската Православна Црква, пренесе сајтот ЦДМ.

Шефот на црногорската дипломатија, Ранко Кривокапиќ, при расправата за оваа информација изјави дека иако преговорите се водат од 2012 година, владата нема регулирана платформа или извештаи и нагласи дека овие преговори мора да бидат „крајно формални“.

Кривокапиќ кажа дека црногорското Министерство за правда формално не преговара со Српската православна црква, туку со четири епархии на СПЦ регистрирани во Црна Гора, но и со други верски заедници, како и со Црногорската православна црква, наведува ЦДМ.

Црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ посочи дека договорот треба да се склучи со Српската православна црква, која ја претставуваат четири епархии во Црна Гора.

-Истото ќе го направиме и со СПЦ. Културните добра се заштитени со закон и ништо што не е предвидено во законот нема да стои во договорот. Граѓаните можат да бидат спокојни, како што можеа и порано да бидат мирни, но ние ги мамиме дека нивните манастири и цркви ќе завршат на друго место. Не, тоа се нашите културни добра, рече црногорскиот премиер.

Тој повика што поскоро да се формира тимот за преговори со верските заедници, а преговорите да завршат успешно, пренесува ЦДМ.