Чакрабарти до Заев и Ципрас: Договорот од Преспа ја реафирмира посветеноста на ЕБРД за поддршка на вашите економии во интерес на регионот


Претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Сума Чакрабарти упати писмо со честитки до двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас, за ратификацијата на Договорот од Преспа во парламентите на двете земји оценувајќи го влегувањето во сила на овој важен договор со преостанатите процедури како важен влог во стабилноста и економските перспективи на двете земји, во регионот и југоисточна Европа.


 

-Се восхитувам на вашата храброст, политичка храброст, лидерство и одлучност и аплаудирам на вашите особини на вистински државници, пишува Чакрабарти.

Како што соопшти владината прес-служба, во писмото испратено до двајцата премиери се наведува дека Договорот од Преспа треба да ја зголеми довербата на инвеститорите и да ги отвори можностите за нови прекугранични проекти и регионална интеграција.

-Дозволете ми уште еднаш да ја реафирмирам силната посветеност на ЕБРД во поддршка на економиите на вашите земји и да ја изразам нашата подготвеност да ја интензивираме воспоставената соработка во интерес на соседните земјите и поширокиот регион, стои во писмото испратено од Чакрабарти до премиерите Заев и Ципрас.