Над 7.500 вина од целиот свет, меѓу кои 73 бугарски вина, учествуваа на овогодишниот престижен вински форум „Mondial de Bruxelles“, чие 30-то издание се одржа во средината на мај во Хрватска. 27 од бугарските претенденти, или речиси 37 отсто, заминаа со медали, надминувајќи го просекот во конкуренција од 25-28 отсто. Ова вклучува три од најпрестижните награди на форумот – Големиот златен медал. Еден од големите победници е Vineyards Selection Tenevo 2017 на „Вила Јамбол“, кој беше награден како најдобро црвено вино на конкурсот или меѓународно црвено вино, соопштија од винарската визба.
Ова е веста на денот од Република Бугарија, избрана на Бугарската телеграфска агенција (БТА) за објавување од МИА, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат директно избрана од другата агенција вест на денот на соодветната земја, а другата агенција да ја објави на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Одликувањето Revelation се доделува само на 1 процент од вината во конкуренција, што е првпат Бугарија да добие вакво високо признание. Vineyards Selection Tenevo 2017 се избори за него во конкуренција со 4836 испратени примероци. Виното е произведено од избрани лозови насади во микродистриктот Тенево и е направено од три сорти – Мерло, Каберне Франк и Пети Вердо, реколта 2017 година.
Vineyards Selection е колекционерската серија на вина на „Вила Јамбол“, создадена со идеја да се разоткријат највозбудливите карактеристики на тероарот на источнотракиската низина. Црвените вина се создаваат од три микрообласти – Тенево, Тополица и Бољарово. Насадите во Тенево се од 2005 година. Од винарската визба велат дека и со засадувањето на винова лоза во овие микрообласти си поставиле за цел да создадат уникатни вина кои ја демонстрираат моќта на тероарот и каков потенцијал може да открие во класичните француски сорти кај нас.
Лозјата за производство на Vineyards Selection се засадени според „Роза на ветровите“ – компас што го покажува интензитетот на воздушните струи, нивната насока и сила. Така ги штити од неповолни услови и им помага да имаат корист од морските ветрови. Бербата на грозјето започнува во средината на август и трае до средината на октомври, а грозјето се бере рачно.
На овогодишниот натпревар „Mondial de Bruxelles“, Бугарија доби и два престижни Големи златни медали – за Енира резерва 2017 на „Домејн Беса Валеј“ и каберне Совињон Exclusive lot 2017 на Златен Рожен. Преостанатите награди за бугарските вина се 14 златни и 10 сребрени.
По бројот на медали, лидер е „Вила Јамбол“ со вкупно шест за бели и црвени вина и уште две за розе, чиј дел од натпреварот се одржа на почетокот на годинава. Таму, производителот запиша златен медал за розето Kabile and Vineyards Selection. Со злато беа наградени и Кабиле Шардоне и Совињон Блан, „Кабиле Резерва Мерло“, „Кабиле Резерва Каберне Совињон“, Кабиле резерва Сира. Сребрена награда дпобија Vineyards Selection Тројаново од сортите Совињон Блан и Шардоне.
Преостанатите златни медали за Бугарија земја отидоа во категоријата бело вино за гевјорцтраминер 2021 на „Шато Авли“, Сандански Мискет 2022 на „Златен Рожен“ и Лева Шардоне, Димјат и Мускат 2022 на „Винекс Славјанци“. Меѓу црвените, Castellum Каберне Фран 2017 на винарија Via Vinera, Каберне Совињон и Мерло Барик 2016 Гранд резерва на ДиВес Естејт, Мерло и Каберне Совињон Барик 2016 Специјална селекција повторно на ДиВес Естејт, Енира Гранд Куве 2018 и Енира 2018 на Домејн Беса Валеј, Каберне Франк Паралел 41 2019 на Златен Рожен, Лева Каберне Совињон и Мерло 2022 на Винекс Славјанци.
Сребрен медал за Бугарија на „Mondial de Bruxelles“ годинава му припадна на белото вино Етно Совињон Блан 2022 на „Домејн Бојар“. Меѓу црвените, беа наградени уште три вина на Домејн Бојар – Мерло и Малбек Бутик Колекшн 2021, Квантум Каберне Совињон 2021 и Кортен Мерло 2021 година. Останатите црвени наградени со сребро беа Cote du Danube Каберне Совињон 2021 на „Шато Бургозоне“, Куве Руж 2018 на „Шато Копса“, Сира Енира на Домејн Беса Валеј, Прометеј Мвруд 2020 на „Едоардо Миролио“, Лева Каберне Совињон и Мерло 2022 на Винекс Славјанци.
Mondial dе Bruxelles
Натпреварот „Mondial de Bruxelles“ секоја година се одржува на различна локација, а овој пат домаќин беше Хрватска. Познат е по строгиот избор на судии и високите стандарди, што гарантира дека ограничениот број медали ќе одат за најквалитетните вина.
Жирито оваа година беше составено од дегустатори и светски експерти за вино од 45 земји. Беа испорачани 7.500 пијалоци од 50 земји ширум светот. Според бројот на награди, регионот Бордо има најмногу – над 250.
Следната година форумот за првпат ќе се одржи во Америка, а домаќин ќе биде Мексико.