Белград е домаќин на регионална конференција за борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација, слушнати се сведочења од жртви


БЕЛГРАД, 21 СЕПТЕМВРИ 2022 – На регионалната конференција која започна завчера во Белград, Европската Унија и Советот на Европа ја истакнаа важноста од препознавање на факторите на ризик за трговија со луѓе со цел трудова експлоатација и развивањето на конзистентни стратегии за превенција.

 

 

 

Повеќе од 100 учесници од Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија, останати држави и меѓународни организации, се собраа на дводневната конференција „Борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација во Европа – стандарди, реалност и нови стратегии за акција“, за да ги дискутираат стратегиите за борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација, кривично дело кое влијае на се̒ поголем број жени, мажи и деца како меѓународно така и внатрешно во рамки на самата држава.

 

Петја Несторова, Извршна секретарка на Конвенцијата за акција против трговија со луѓе на Советот на Европа, нагласи: „Сиромаштијата, невработеноста и растечката неформална економија, заедно со побарувачката за евтина работна сила и услуги, се фактори кои водат до трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација. Постои растечки тренд на регрутирање жртви преку социјалните медиуми и интернетот. Мораме итно да се справиме со се̒ поголемата закана од трговијата со луѓе за трудова експлоатација, додека Советот на Европа моментално подготвува нова препорака до своите 46 членки која содржи сеопфатен пакет на мерки за спречување и борба против трговијата со луѓе за трудова експлоатација. Една од овие мерки е и проширувањето на опсегот на трудовата заштита низ сите сектори од економијата, вклучително и неформалната економија и недокументираните работници. Бизнисите исто така играат важна улога во идентификувањето и справувањето со ризиците од трговијата со луѓе низ нивните оперативни синџири и синџири на снабдување“.

 

Даен ШМИТ, Координаторка за борба против трговија со луѓе на Европската Унија, истакна дека трудовата експлоатација е конзистентно втората по распространетост форма на експлоатација во Европската Унија и дека приближно 30% од регистрираните жртви се тргувани со цел трудова експлоатација. „На ниво на ЕУ, ние целиме кон справување со трговијата со луѓе заради трудова експлоатација преку еден сеопфатен пристап кој опфаќа превенција, истражување и кривично гонење на трговците со луѓе, истовремено обезбедувајќи постојана заштита на жртвите“, рече Шмит. „Европската комисија достави предлог за забрана на пазарот на ЕУ на производи произведени со користење на принудна работа. Предлогот вклучува добра произведени со користење на принудна работа на жртви на трговија со луѓе и ги покрива како домашните ЕУ производи така и оние кои се увезени“, појасни таа.

 

„Советот на Европа непрекинато ги следи и ги зема предвид сите општествени процеси од перспективата на почитување на човековите права, на кои Србија исто така е обврзана. Претворањето на човечки суштества во материјални добра, во предмети, да се тргува со нив како да ропството никогаш не било укинато, пред нас ја поставува огромната задача да им се помогне на овие луѓе и да се казнат одговорните за нивните страдања“, изјави Гордана Комиќ, Министерка за Човекови права и права на малцинствата и социјален дијалог.

 

На конференцијата се разгледаа трендовите и предизвиците од трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација и се идентификуваа позитивни иницијативи за да се зајакне превенцијата од перспектива која е ориентирана кон жртвите. Улогата на чинителите од пазарот на трудот и приватниот сектор, како и начините на кои треба да се надминат предизвиците по однос на пристап до правдата на жртвите и ефективни правни лекови, беа едни од дискутираните теми.

 

И покрај тоа што бројот на идентификувани случаи во Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија е мал, во пракса опсегот на трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација е многу поширок каде многу од случаите остануваат непријавени. Во Босна и Херцеговина, во периодот 2017 – 2021 година беа идентификувани само осум потенцијални жртви. Во Северна Македонија меѓу 2017 и 2020 беа идентификувани само 3 жртви додека во 2021 г. беа идентификувани уште 39 жртви од Тајван. Во петгодишниот период, бројот на идентификувани жртви беше највисок во Србија, вкупно 41, повеќето од кои беа српски државјани, и покрај зголеменото присуство на работници – мигранти во државата.

 

На конференцијата беа претставени нови истражувања за трговија со луѓе со цел трудова експлоатација во трите држави. Истражувањата ги испитуваат факторите на ризик кои придонесуваат за трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација, вклучувајќи ги овде невработеноста, етничката дискриминација, значителната неформална економија и масовно пристигнување на мигранти и бегалци. Предлозите за акција содржани во истражувањата треба да ги водат националните власти во усвојување на нови стратегии за превенција.

 

Поранешните жртви на трговија со луѓе со цел трудова експлоатација и апликатни пред Европскиот суд за човекови права,  Сеудин ЗОЛЕТИЌ и Марко ТАМИНЏИЈА од Босна и Херцеговина, ги споделија трауматските искуства кои ги преживеале во Азербејџан и чекорите кои ги преземале за да најдат правда.

 

Конференцијата беше организирана како дел од проектите за спречување и борба против трговијата со луѓе во Босна и ХерцеговинаСеверна Македонија и Србија, во рамки на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа Хоризонтален Инструмент за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022.

 

Линк до објавата на веб страната на Совет на Европа: https://go.coe.int/hc6MY