Албанија со зајакнати мерки по зголемениот број заразени од коронаврус во Италија


– Албанските власти на меѓународниот аеродром во Тирана ги зајакнаа мерките за заштита од коронавирусот по зголемиот број заразени во Италија.



– Откако Италија ја погоди коронавирусот, на меѓународниот аеродром двојно е зголемен бројот на медицински персонал и опрема, кои се ангажирани по појавата на вирусот во Кина. Здравствените работници ги проверуваат патниците на летовите од Кина и Италија. На аеродромот има посебна просторија за изолација, наведува Ора њуз.

Во меѓувреме раководителката на одделот за епидемиологија при Институтот за јавно здравје, Силва Бино, на прес-конференција изјави дека досега во Албанија не е регистриран случај со коронавирус.

– Во нашата земја нема заразено лице од коронавирус, ниту пак имаме сомнителни случаи. Нормално е луѓето да се плашат, но место за паника нема. Имајте доверба во структурите, доверба во нас и во мене она што го кажувам, затоа што честопати гледам дека постојат сомнежи, рече Бино, упатувајќи апел за поголема лична хигиена.

Посочи дека располагаат со потребните апарати и реагенси за дијагностицирање на коронаврусот и оти не само на аеродромот во Тирана, туку и на другите гранични премини мерките се зајакнати, посебно во Драч, каде што секојдневно пристигнуваат траекти од Италија.