Албанија протера руски дипломат поради непочитување на антиковид мерките


Албанската Влада го прогласи рускиот дипломат Алексеј Кривошеев за „персона нон грата“, бидејќи не ги почитувал антиковид мерките, со обврска да ја напушти земјата во рок од 72 часа од моментот на добивањето на официјалното известување.



Во официјалното соопштение на албанското Министерство за Европа и надворешни работи се наведува дека од април 2020 година, но и на почетокот од оваа година, албанската Влада има постојани поплаки и обвинувања за отворено кршење на мерките од страна на дипломатот на амбасада на Руската Федерација во Тирана.

– За жал, спротивно на ветувањата, дипломатот продолжи да ги крши мерките, и покрај изразувањето на добра волја од двете страни да не ги повторува истите грешки. Така, врз основа на повторените прекршувања на правилата и мерки за заштита од пандемијата и игнорирање на загриженоста на албанските државни институции во врска со нив, не можат да бидат оправдани и не можат да се толерираат понатаму, стои во соопштението на Министертвото.

Се додава дека албанската Влада сака да ги зајакне пријателските односи со Руската Федерација и жали што е нарушена добрата волја на двете страни со повеќекратни активности на претставникот на дипломатски персонал во Тирана, во непочитување на мерките преземени од албанските власти за заштита на населението од Ковид-19.

Министерството за Европа и надворешни работи ја потенцира подготвеноста за продолжување на добрата соработка меѓу двете страни и разбирањето за оваа одлука во време на пандемија.

Посакуваме, се нагласува понатаму, оваа одлука наметната со непочитување на законите и правилата на албанската држава, во ова време преполно со предизвици за целиот свет, да биде целосно разбрана од руската страна, како неопходна мерка за заштита на здравјето и безбедноста на сите граѓани на територијата на Република Албанија, без разлика дали се Албанци или не.

– Ние ја уверуваме руската страна во нашите пријателски чувства и подготвеност, за продолжување на започната добра соработка и за континуирано подобрување на односите меѓу нашите две земји, пишува на крајот од соопштенето на албанското Министертво за Европа и надворешни работи.