Годишната инфлација во Грција во април дополнително се намалила и изнесува три отсто од 4,6 проценти еден месец претходно, меѓутоа инфлацијата на храната и прехранбените производи останува висока, јави дописничката на МИА од Атина.
Согласно официјалните податоците од грчката служба за статистика, минатиот месец за 11,4 отсто се зголемиле цените на прехранбените производи во споредба со една година претходно.
За една година, од април 2022 до април 2023 година цената на електричната енергија се намалила за 29,9 проценти, на природниот гас за 25,1 отсто, а на нафтата за греење 20,7 проценти.
Меѓутоа зголемени се цените на основните продукти, односно млечните производи и јајцата се за 19,1 отсто поскапи, маслата и мастите за 16,2 проценти, лебот и житните производи за 13,8 отсто, месото за 12 проценти, кафето и чајот за 12,1 отсто итн.
Инфлацијата во Грција во јануари годинава беше 7 проценти, во февруари 6,1 отсто, а во март 4,6 проценти .