Собраниска делегација на пролетната сесија на ПС на НАТО во Луксембург

luksemburg delegacija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Делегација од Собранието на Република Македонија во состав Миле Талевски, во својство на шеф на делегација и пратениците Илија Николовски, член и Марија Петрушевска, заменик-член учествува на Пролетната сесија на ПС на НАТО, која се одржува од 19 до 22 мај 2023 година во Луксембург, информира собраниската прес-служба.

Во текот на сесијата, беа одржани редовни состаноци на комитетите на НАТО, на чиј дневен ред се разгледуваа повеќе извештаи и предлог-декларации, кои треба да бидат донесени во пресрет на Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија.


-На Интер-парламентарниот комитет НАТО – Украина, претседателката на Парламентарното собрание на НАТО, Жоел Герио Мејлам, упати јасна порака за поддршка на Украина и борбата за нејзините граѓани за конечна слобода. Олександр Корниенко, ко-претседавач на Советот и прв потпретседател на Врховна Рада на Украина, истакна дека ситуацијата на бојното поле е тешка и динамична. Апелираше за поголема финансиска помош, оружје, муниција и повеќе санкции против Русија, бидејќи како што посочи Украина се бори, не само за сопствената територија, туку и за мирот и безбедноста на Европа. Укажа на преземање на потребните чекори, со цел да се осигура дека грозоморните злосторства што Русија ги изврши и продолжува да ги извршува во Украина како воени злосторства, злосторства против човештвото и потенцијално акти на геноцид, да не останат неказнети. Го поздрави формирањето на Специјалниот трибунал, повикувајќи ги земјите кои не го сториле тоа, да размислат за нивно приклучување кон овој трибунал, информираат од Собранието.

Во рамки на дискусијата за изложеноста на хибридни закана и лажни вести на земјите членки на НАТО, Талевски посочи дека истите имаат негативно влијание на демократските капацитети на нашите општества, целејќи кон намалување на довербата на граѓаните во демократски избраните влади и на нивната перцепција дека институциите немаат капацитет да се справат ваквите појави.

-За жал, овие закани се подоминантни во регионот на Западен Балкан, во споредба со другите европски земји. Од тие причини, апелираше до НАТО и другите меѓународни организации да преземат дејствија за да помогнат во ублажувањето на ситуацијата, рече Талевски.

Пратеничката Марија Петрушевска, пак,  се осврна на престојните европски избори следната година, кои се случуват, како што нагласи, во клучен момент за Европа и од тие причини, се поставува прашањето од потребата за поголема координација меѓу НАТО и ЕУ за справување лажните вести во текот на изборната кампања.

Беше констатирано дека руската дезинформациска кампања сериозно им се заканува демократијата и безбедноста на земјите членки, но и на голем дел на земји партнери на НАТО и дека е потребен поголем ангажман за едукација на јавноста за препознавање на лажните вести и дезинформации. Во таа насока, уште еднаш беше потврдена потребата од отворање на Центар за демократска отпорност во НАТО, кој ќе има клучна улога во поддршка на земјите за надминување на демократските слабости предизвикани од ваквите појави.

-Што се однесува до одбраната во регионите на Балтикот и Црното море, пратениците се согласија дека е потребен силен, унифициран пристап за прилагодување на северниот поморски регион на новата безбедносна средина. Членството на Финска значително ќе ги зајакне капацитетите на НАТО во регионот на Балтичкото Море, но ќе биде потребна позајакната соработка со цел дефинирање на нејзината улога на овој план. Од одбранбена гледна точка, беше поздравена одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да им дозволи на украинските пилоти да тренираат со борбени авиони Ф-16. Беше препорачано зголемување на трошоците за одбрана, со фокус на модернизирање и проширување на производството, зголемување на понудата на залихи на муниција низ Алијансата, поголема употреба на повеќегодишни договори за обезбедување безбедност на набавките од приватната индустрија и поголема соработка меѓу земјите за производство и набавка на оружје. Сојузниците исто така се согласија дека е потребно намалување на зависноста од руската енергија, со оглед на фактот што Москва продолжува да генерира приходи преку своите енергетски резерви и дека тоа продолжува да биде закана за европскиот безбедносен поредок, се вели во соопштениетоод собраниската прес-служба.

Пленарната сесија ја отвори Жоел Герио Мејлам, претседателка на Парламентарното собрание на НАТО, нагласувајќи дека нашата единственост е нашата сила на транс-атлантската врска и заштитата на нашите општества владеени од правото, а не од правото на силата. Повика на креирање на Глобален реконструкциски план за Украина, по промиерот на поранешниот Маршалов план.

На пленарната сесија се обратија премиерот на Луксембург Хавиер Бетел, претседателот на Претставничкиот дом, Фернанд Етген и Франсоа Бауш, министер за одбрана и заменик вице-премиер на Големото Војводство Луксембург, кои ја потврдија поддршката за Украина и одлучноста за борба против автократиите, за заштита на демократска отпорност на нашите општества. Министерот за одбрана на Украина Олекси Резников и шефот на украинската делегација во ПС на НАТО Јехор Черниев, кои беа дел од воведничарите на сесијата, ја изложија моменталната  ситуација во Украина, апелирајќи за понатамошна воена помош за земјата, со конкретни очекувања од Самитот во Вилнус за интеграцискиот пат на земјата во НАТО, безбедносни гаранции и поддршка на мировната формула на Претседателот Зеленски. Изразија очекување Шведска наскоро да стане членка на Алијансата, со што Балтичкото Море ќе биде под целосна контрола на НАТО. Пратениците имаа можност да разменат мислења со заменик-генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана, во однос на актуелната состојба и идните активности на Алијансата, кој стави особен акцент стави на унапредување на целокупната соработка со земјите партнери и со сите земји во светот со кои ги споделуваме истите вредности, како и со ЕУ и другите меѓународни организации.

Во светло на самитот на НАТО во Вилнус, беа донесени две декларации: за Обединета и решителна поддршка за Украина, во која парламентарците уште еднаш ја потврдија нивната безрезервна поддршка, нејзиниот суверенитет и интегритет и правото на самоопределување, со јасна порака дека местото на Украина е во Алијансата и апел до лидерите да обезбедат идни безбедносни аранжмани и целосна стручна поддршка за Украина за исполнување на условите за членство во НАТО. Во Декларацијата: Нов НАТО во ера на стратешка конкуренција: забрзување на адаптацијата на НАТО на Самитот во Вилнус, меѓу другото, беше поздравено усвојувањето на новиот иден Стратешки концепт, кој ги става демократските вредности во срцето на одговорот на Алијансата кон денешните закани и предизвици. Беше искажана согласност за новите трошоци во одбраната и заложбите за инвестирање после 2024 година, со надминување на минималниот степен на инвестирање од 2% од ГДП за одбраната. На сесијата, финската парламентарна делегација беше и официјално примена како членка на Парламентарното собрание на НАТО.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK